Ирската нискобуџетна авиокомпанија Ryanair ја престигна германската Lufthansa и стана најголемата европска авиокомпанија по бројот на превезени патници, покажуваат податоци објавени во средата.

Групацијата Lufthansa, под чиј „покрив“, се авиокомапниите Austrian Airlines, Swissair, и нискобуџетната Eurowings, минатата година превезла рекордни 109,7 милиони патници, што е за 1,8 отсто повеќе отколку во 2015 година, соопштуваат од компанијата.

Сепак тоа не било доволно за да ја надмине Ryanair, која минатата недела пријави 15 отсто раст на бројот на патниците во 2016 година, односно 117 милиони.

Иако германската авиокомпанија сеуште е значително пред конкурентите во однос на остварените приходите, најновите податоци „укажуваат на тоа дека патниците во голема мера ги привлекува понудата на Ryanair”, изјави воздухопловениот експерт Корд Шеленберг, додавајќи дека „ова треба да биде аларм за будење на Lufthansa“.