Самсунг Електроникс соопшти дека неговата оперативна добивка во второто тромесечје ќе биде околу 70 отсто поголема отколку во истиот период лани и ќе достигне рекордни нивоа, што е благодарение на големиот раст на побарувачката за мемориски чипови.

Јужнокорејскиот технолошки гигант ја објави денеска проценката дека во изминатиот квартал остварил оперативна добивка од 14.000 милијарди корејски вони или околу 12 милијарди американски долари, што е негова најголема тримесечна добивка во историјата и за 72 отсто поголема отколку во истиот период лани.

Продажбата на компанијата пораснала за 18 отсто, на 60.000 милијарди вони, при што силно пораснала продажбата на полупроводници или мемориски чипови кои се користат во паметните телефони и компјутерите.

Од тие причини, некои аналитичари проценуваат дека Самсунг оваа година ќе го замени Интел на листата на светски најголеми производители на чипови.

Покрај тоа, изминатиот период порасна и продажбата на паметните телефони на Самсунг, вклучувајќи го и новиот Галакси С8.