Kevin Bates, креаторот на паметниот прстен Ö, реши да експериментира колку минијатурна може да стане технологијата.

Прстенот поседува мал монохроматски (еднобоен) екран со резолуција од 64 x 32 пиксели, процесор кој работи на 16MHz и батерија од 40 милиампер часови која би требала да ви овозможи околу 4 часа стандардно користење.

Прстенот се поврзува со вашиот телефон или таблет преку Bluetooth и потоа може да прикажува нотификации или анимации на малиот екран. Според креаторот, освен што можете да ги гледате нотификациите, исто така можете да реплицирате на нив – иако сеуште не е јасно како би пишувале на толку мал екран.

„Сакав да видам колку мала може да стане технологијата. Неколку кампањи на Kickstarter за паметни прстени беа успешни, па сакав да ги испробам моите знаења и вештини. Се надевам дека Ö Ring ќе успее во полињата каде што другите паметни прстени разочараа“ – вели Bates.

Засега прстенот нема определена цена и датум на продажба, иако се сомневаме дека некој би купил уред што мора да го полните на секои 3-4 часа.